Пенали за последното суперлигашко место: Скопје преживеа по драмата во Автокоманда

Борбата за последното суперлигашко место донесе многу неизвесност, пресврти и драма во која посреќен беше тимот на Скопје по дополнителните пенал серии.  Екипите на Аеродром и Скопје 2020, покажаа одлична борба во бараж натпреварот за Суперлигата.

Во Автокоманда, Скопје и Аеродром одиграа неизвесен натпревар до последната секунда. Иако се чинеше дека суперлигашот Скопје ја има контролата над играта и резултатот, во последните 5. минути дозволи Аеродром да го изедначи резултатот па дури и да се закани со победа. За среќа на избраниците на Будимир, шестопласираната екипа од Прва лига не успеа да искористи два напади за водство, па победникот на овој дуел се одлучуваше во пенал рулет.

По регуларните пет серии двете екипи беа изедначени на по 3 погодоци, а во продолжение Аеродром имаше шут за победа и пласман во Суперлигата. Сепак Николовски ја погоди главата на противничкиот голман, па наместо славје за својот тим заработи црвен картон, а во следната серија среќата им се насмевна на ракометарите на Скопје. Тие остануваат во елитното друштво и наредната сезона откако (не)очекувано тешко дојдоа до триумф над Аеродром со 27-28 (24-24) по седмата серија од пенал рулетот.

Ракометарите на Аеродром во натпреварот влегоа во грч, првите два напади не ги реализираа, додека поискусната екипа предводена од Андријана Будимир знаеше како да дојде до гол и по пет минути игра имаше водство од 0:3. Домашната екипа првиот гол го постигна во 5 минута преку Николовски за минус два, 1:3. Скопје ја казнуваше секоја грешка на Аеродром, лесно доаѓаше во позиција за гол и во 10. минута повторно дојде до плус три, 3:6.

Избраниците на Дарко Петровски со два гола во низа намалија на 5:6, но екипата на Скопје не дозволи целосен пресврт и до крајот на првото полувреме ја имаше контролата на терен. Ракометарите на Будимир во 20. минута стигнаа до највисокото водство од плус четири гола разлика, 6:10. Скопје започна да создава сериозна резултатска предност, поведе со 7:12 и на пауза замина со водство од 9:13.

За неколку минути игра во второто полувреме, гостите водството го зголемија на 9:15 и тука веќе беше јасно дека ракометарите на Аеродром ќе треба да дадат повеќе од својот максимум доколку сакаат влез во елитата. Следуваше период, во кој Аеродром започна да фаќа ритам и во 40 минута намали на само два гола негатива, 16:18. Ракометарите на Скопје успеаја да ја одржат минималната предност, која во 50 минута беше плус четири гола разлика, 19:23. Наместо мирна завршница, ракометарите на Скопје дозволија вистинска драма да се одвива во самиот финиш. По само 5 минути ракометарите на Аеродром ја имаа првата шанса да го изедначат резултатот.

Митревски на две минути пред крајот го израмни резултатот на 23:23. На минута пред крајот беше 24:24, а домаќинот на триесетина секунди не успеа да реализира за водство. Скопје во последните секунди можеше да стави крај на големата драма, но голманот Богдановски успешно интервенираше и ги одведе двете екипи во пенал завршница.

По 60 минути игра, крајниот епилог беше 24:24. Тоа значеше дека победникот ќе се одлучува на пенали. Ракометарите на Скопје беа повеќе концентрирани во најодлучувачкиот момент, кој им донесе опстанок во Супер лигата.

Најпрецизни во составот на Скопје беа Леонид Киселовски со 9 и Марио Мишевски со 5 подоци, а Бојан Николовски запиша 9 голови за Аеродром но не и оној клучниот за победа на својот тим.