Пелистерци немоќни, Мешков Брест си ја заврши работата во Битола

Ракометарите на Мешков Брест славеа на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер со 27-31 и уште по првиот четвртфинален натпревар се чини дека го решија патникот на завршниот турнир во Задар.

По почетните 1-1, Кашпарек погоди за преднност на белорускиот тим, а при следниот напад на битолчани, Бонфон грубо стартуваше во лицето на Периќ, па доби црвен картон.

Тоа не ги поколеба гостите, кои обезбедија плус два, 2-4, а потоа и три позитива, 3-6, што го натера Бабиќ на тајм-аут. Битолчани се вратија на минус еден, 5-6, но потоа и Немања Обрадовиќ по стартот на Сташ Скубе доби црвен картон, па Мешков Брест отиде на највисоки плус четири, 6-10.

До крајот на полувремето, белорускиот шампион преку Шумак стигна до плус пет, 8-13, но Божиќ Павлетиќ се погрижи да ја намали негативата на пауза, 9-13. Грижите на битолчани покрај заостатокот ги зголеми и вториот црвен картон на Никола Маркоски по стартот на Јака Малус.

Во вториот дел битолчани немаа поддршка од голманите, нападите станаа безидејни, па гостите лесно ги казнуваа сите грешки. Набрзина се одлепија на седум гола разлика, 14-21.

Во продолжение на натпреварот немаше многу возбудувања, битолчани се обидуваа да намалат дел од негативата, во последните две минути стигнаа до минус четири, 26-30, а точка на мечот стави Ојлески со голот за 27-31.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кашпарек со осум и Вајлупов со шест гола, додека голманот Мацкевич собра девет одбрани. Во составот на битолчани се истакнаа Мандалиниќ со девет и Периќ со шест погодоци.

Реваншот меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер ќе се одигра во Брест на 29 август со почеток во 16:00 часот.