Пелистерци лесно до бодови против Јуниор КВ

Екипата на Еурофарм Пелистер во рамки од 12. коло од Суперлигата дојде до рутинска победа против Јуниор КВ, со резултат 38:20, во натпревар од групата Б. Иако играа без Суси, Хосни и Сери, битолчани беа пресилни за гостинот од Скопје.

Избраниците на Ларс Валтер немаа големи проблеми во дуелот против ,,фенерџијата” и победата ја обезбедија во првите 30 минути. Уште од стартот на натпреварот во спортската сала ,,Боро Чурчевски”, домаќинот даде до знаење дека убедливо ќе победи. Еурофарм Пелистер поведе со 3:0, потоа имаше 6:1 и рутински го одработи останатиот дел од првото полувреме.

Гостите на моменти покажуваа квалитет, се обидуваа да парираат колку што можат, но домашниот тим не оставаше премногу простор за лесни погодоци. Разиграни беа крилните играчи Ојлески Кузманоски, Костески, одличен во нападот беше Хенеберг, па така домаќинот на полувреме замина со предност од осум гола разлика, 19:11.

Разликата во квалитет беше очигледна и во вториот дел немаше никаква неизвесност или поголема промена на резултатот. Еурофарм Пелистер во 40 минута дојде до двоцифрена разлика, поведе со 25:15 и го водеше натпреварот до поубедлив триумф.

Најефикасни во победничката екипа беа Себастијан Хенеберг со седум и Никола Стоилевски со шест погодоци. Во поразениот табор, листата на стрелци беше предводена од Дарио Симоноски и Никола Митровиќ, кои постигнаа по шест гола.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде настапот во Лига на Европа. Битолскиот тим на 29 ноември ќе гостува во Дизелдорф кај Мотор и ќе се обиде да ја оствари втората европска победа во новата натпреварувачка сезона.