Пелистерци имаат нов спортски директор, во клубот се враќа Бранко Ангеловски

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер за нов спортски директор го именуваше Бранко Ангеловски, кој доаѓа на местото на Димитар Митревски кој досега ја извршуваше оваа функција.

Митревски заминува поради приватни причини, а како што најави 24Ракомет негов наследник ќе биде Ангеловски, кој минатата сезона беше тренер на Мулти Есенс. Битолчанецот без пораз го внесе овој тим во Суперлигата.

Ангеловски е легенда на Еурофарм Пелистер, а во играчката кариера покрај за битолскиот клуб, играше и за Металург и Вардар.

Голема трага остави и во романскиот ракомет каде што го носеше дресот на Констанца, а беше во улога и на спортски директор во овој клуб. Играше и во Загреб и Винтертур во Швајцарија, и Тулуз во Франција, но и на Блискиот Исток.

Како репрезентативец на Македонија беше дел од тимот што го постигна најголемиот успех, 5. место на ЕП 2012 година во Србија. Играше и на СП 2013 и ЕП 2014 година. Беше еден од најмладите репрезентаивци што беа на СП 1999 година во Египет.

Пелистерци ќе имаат голем предизвик во одбраната на шампионската титула во Македонија, додека во Лигата на шампионите ќе играат против Кил, Келце, Алборг, ПСЖ, ПИК Сегед, Загреб и Колстад.

Еурофарм Пелистер враќа дома битолска ракометна легенда