Пасквал: Макуц и Фраде се млади, Барселона има убава иднина со нив

Тренерот на Барселона, Чави Пасквал подели многу пофални зборови за младите ракометари кои би требало да бидат иднина на тимот.

Екипата ги договoри Португалецот Луид Фраде од оваа сезона и Словенецот Домен Макуц од следната. Се работи за пивот и среден бек кои се меѓу најдобрите млади ракометари во моментов така што Барселона добива одлични играчи.

„Макуц е многу млад. Тој доаѓа во тимот како замена за Раул Ентрериос кој е многу искусен играч. Домен е многу добар на индивидуален план, технички поткован што е одлика на словенечката школа. Тој може да му помогне многу на Циндриќ и да се надополнува со него“, вели Пасквал.

За Португалецот кој ќе биде засилување од оваа година на пивотменската позиција исто така има пофални зборови.

„Фраде е исто така млад играч. Има 21 година, а игра добро и во двата правци. Ќе му помага на Фабрегас сезонава. Ќе мора да научи да игра на највисоко ниво во клуб како што е Барселона. Сепак, ова е играч кој има добри шанси да помине повеќе години во Барселона. Веќе долго време го следиме неговиот развој така што очекуваме да напредува“, коментираше тренерот на Каталонците.

Барселона според составот останува меѓу главните кандидати за висок пласман и во оваа сезона во Лигата на шампионите.