Парондо: Да се биде ракометар или тренер во Вардар е една од најубавите работи

Сè уште актуелен европски шампион со Вардар е шпанскиот стручњак Роберто Гарсија Парондо кој сега работи како селектор на репрезентацијата на Египет. Шпанецот во својата прва сезона на клупата на машка екипа стана европски првак.

Парондо имаше интервју за шпанскиот „Handball100x100“ во кое уште еднаш се потсети на најдобрите и најтешките моменти во Вардар. Зборуваше за почетокот и за тоа со какви проблеми се соочувал во текот на неговото работење во Скопје.

„Раул ме повика да му бидам помошник во Македонија, а следанта сезона се одлучив да го преземам женскиот тим на Вардар. Тоа многу ми помогна да го запознаам клубот и градот. Преземањето на машкиот тим беше помалку изненадувачки и за мене, бев многу возбуден и среќен. Клубот минуваше низ финансиски проблеми што ја правеше екипата многу нестабилна. Во однос на претходната сезона имаше пет-шест заминувања на клучни играчи, а новите кои дојдоа не беа со толку висок квалитет. Ситуацијата во клубот не беше најдобра, но ние продолживме да работиме и да се натпреваруваме“, рече Парондо.

Шпанецот и неговите играчи иако биле свесни дека имаат квалитет во ниту еден момент не помислувале на европска титула. Целта беше пласман во нокаут фазата, но после победата против Загреб и покрај тешката ситуација во клубот апетитите пораснаа.

„Беше многу тешко, работевме во многу комплицирани услови. Сте се договориле, тоа е вашата работа и очекувате да примате плата, но тоа не се случуваше и имаше многу проблеми. Имаше играчи кои одбиваа да играат, а имав конфликт и со играч кој не сакаше да игра дури ниту во Лигата на шампионите. Но тоа беше очекувано, имаше играчи на кои им должеа дванаесет плати. Тоа беше најтешката година во мојата спортска кариера, но откако се пласиравме на фајнал-форот се фокусиравме и напорно работевме“, продолжи Шпанецот.

Вардар имаше спектакуларно враќање против Барселона во полуфиналето, а потоа и перфектен натпревар против. Како што вели Парондо за овие дуели биле максимално подготвени, но и играчите дале се од себе.

„Работевме две недели само на подготовки за натпреварот со Барселона, а за Веспрем имавме многу информации и скоро бевме подготвени. Играчите на двата натпревари одиграа максимално давајќи сè од себе и рекоа што и да се случи ако треба срцето ќе го остават на теренот“ се присети Парондо.

И покрај сите проблеми Парондо оствари огромен успех со Вардар и секако Скопје и Македонија засекогаш ќе останат како убави спомени од кариерата.

„Македонија е земја која живее од спортот и за спортот а особено за ракомет. Тоа е национален спорт бидејќи ги има најголемите успеси. Јас велам да се биде ракометар во Скопје или тренер се едни од најубавите работи, Скопје е град на ракомет. Кога функционира Вардар тоа е еден од најдобрите клубови во светот за да играте во него или да работите“, заврши Парондо.