Парондо го испофали Калараш: Тој е одличен дефанзивец, но може да помогне и во напад“

Екипата на Мелзунген поради компликации со повредата на Фим Лемке, мораше да најде соодветно решение за дефанзивата, а одлуката за негова замена беше пронајдена во поранешниот ракометар на Вардар, Глеб Калараш.

Искусниот ракометар од Русија одлучи да ја напушти екипата на Балинген и во продолжението од сезоната да настапува за Мелзунген, екипа која ја предводи поранешниот стратег на Вардар, Роберто Парондо.

Шпанецот беше главен виновник за доаѓањето на Калараш во Мелзунген, a нивната соработка трае уште од времето кога двајцата беа дел од вардаровиот клуб. Парондо како тренер, Калараш како играч во 2019 година со клубот од Скопје ја освоија Лигата на шампионите.

Парондо имаше пофални зборови за Калараш, го истакна своето задоволство од соработката и смета дека Русинот освен што е добар дефанзивец, тој може да се користи и во нападот.

„Го познавам многу добро од времето кога бевме заедно во екипата на Вардар. Глеб Калараш е многу добар дефанзивец. Имаме важни дефанзивни играчи кои се повредени во моментов. Со доаѓањето на Калараш добиваме дополнителна предност, сега имаме опции. Глеб може да се користи и во напад, но зависи од тоа колку брзо ќе се адаптира во тимот. Во секој случај, се надевам дека ќе ни помогне, како и секој друг играч во клубот“, изјави Парондо.

Договорот на Калараш со Мелзунген е со важност до крајот на оваа сезона.