Парите не се најважни – имаше понуда од 15.000 евра, реши да игра за половина во друг клуб

Младата репрезентативка на Русија, средниот бек, Валерија Маслова, која во следната сезона ќе настапува за француски Мец, беше на мета на неколку клубови, меѓу кои и ЧСМ Букурешт, а од тимот од романската престолнина дури и понудиле плата од 15.000 евра за да ја донесат во своите редови, но руската ракометарка експресно ги одбила, пишува романскиот портал „Фанатик“.

Според информациите на „Фанатик“, Маслова прифатила да игра во Мец, клуб кој минатата сезона заврши на третото место на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, за месечна плата од 7.500 евра. Интерес за Маслова покажале и од Глорија Бистрица, но поради тоа што амбициозниот клуб не се пласираше на европска сцена, младата ракометарка од Русија не ја прифатила нивната понуда.

Доколку Маслова ја прифатеше понудата на ЧСМ Букурешт, тогаш заедно со екс ракометарката на Вардар, Андреа Кликовац, ќе ја делеа минутажата на десната бековска позиција. Руската репрезентативка во екипата на Мец на позицијата десен бек ќе игра заедно со репрезентативката на Данска, Луис Бургард и ракометарката од Хрватска, Анѓела Жагар.

Маслова во пролетниот дел од минатата сезона настапуваше за екипата на ЦСКА Москва, откако одлучи да го напушти тимот на Будуќност. Во текот на 2019 година пристигна во црногорскиот шампион од Ростов Дон. Минатата сезона беше стрелец на 47 погодоци во Лигата на шампионите, а европските медиуми и предвидуваат голема кариера.