ПАОК немоќен против Малага – Македонките со солидна партија

Ракометарките на ПАОК беа убедливо поразени во осминафиналниот натпревар на ЕХФ Купот од претставникот на Шпанија, Малага со резултат 21:30.

Уште од почетокот на средбата, ракометарките на Малага тргнаа фуриозно и веќе во почетните минути имаа водство од 9:2. На полувреме резултатот беше 17:10 за гостинската екипа од Шпанија која на овој натпревар беше формално домаќин.

Вториот дел помина во далеку поквалитетна борба и игра од страна на шампионките на Грција, но лошиот старт и грешките во последните десет минути беа причина за поразот во првиот натпревар.

Репрезентативките на Македонија имаа солидна партија на денешниот натпревар. Дајана Јовановска беше меѓу најефикасните стрелци со пет погодоци. По два голови постигнаа Андреа Белеска и Марија Николиќ.

Реванш натпреварот за пласман во следната рунда од Европскиот куп е закажан за 21 февруари со почеток од 16 часот.