Палевски верен на Пролет, потпиша нов договор

Тимот на Пролет успева во намерата да ги задржи клучните играчи во тимот, па по потпишаниот договор со голманот Михаљевиќ денеска и официјално беше продолжена соработката и со Давор Палевски.

Крилниот ракометар е повремен член на репрезентацијата на Македонија и во последните сезони е меѓу најдобрите стрелци во таборот на Пролет, што беше доволна препорака за двете страни да се договорат за продолжување на престојот на Палевски во клубот.

Палевски според потпишаниот договор уште две сезони ќе продолжи да ги брани боите на Пролет, со што заедно со младиот Тотиќ формираат исклучително квалитетен и перспективен тандем на позицијата лево крило.

„Презадоволен сум што останувам во Пролет и што потпишав нов двогодишен договор со оваа екипа. Од првиот ден кога пристигнав бев одлично прифатен од сите во тимот, со што ми беше олеснета адаптацијата во новата средина. Сега веќе сум меѓу поискусните во екипата и моја обврска е да го им помогнам на помладите како што тоа беше направено за мене при доаѓањето во Пролет. Имаме квалитетен тим, одлична атмосфера во екипата и не се сомневам дека со неколкуте најавени засилувања повторно ќе се бориме за излез во ракометна Европа. Пролет е склоп на младоста и искуството, но она што го краси овој тим и што мислам дека го нема на друго место е неверојатното другарство што владее меѓу сите ракометари. Токму поради тоа воопшто не се двоумев кога ја добив понудата за нов договор и експресно го потпишав истиот“, изјави Палевски по потписот на новиот договор со клубот.