Ојлески пред дербито за титулата: Влогот е голем, но Вардар е под поголем притисок

Денеска во Суперлигата се игра дербито во кое ќе се решава шампионската титула. Вардар гостува во Битола и само со победа може да ја одбрани титулата, се останато ќе значи титула за Еурофарм Пелистер.

Во претходниот натпревар во Скопје Еурофарм Пелистер славеше со 24:23 и така битолчани се ставија во подобра позиција од Вардар пред овој натпревар. Искусниот ракометар од редовите на Еурофарм Пелистер, Гоце Ојлески очекува еден неизвесен и тежок натпревар.

„Очекуваме тежок и неизвесен натпревар. Притисок секако дека има влогот е голем, освојување на титулата шампион на Македонија, но мислам дека тоа не треба да ни создава дополнителна тензија. Вардар е актуелен шампион на Македонија и можеби тие имаат поголем притисок, да ја одбранат таа шампионска титула, а ние ќе направиме се за на крајот да се радуваме“.

Еурофарм Пелистер ќе игра пред полни трибините затоа што билетите за овој дуел беа експресно распродадени, но според Ојлески публиката нема да биде одлучувачкиот фактор.

„Не би рекол дека публиката ќе биде одлучувачки фактор, но секако дека ќе имаме поддршка од трибините која многу ни значи“.

Натпреварот се игра во салата „Боро Чурлевски“ во терминот од 19:00 часот.