„Очекувам РФМ како многу други федерации, да го заврши првенството“

Екипата на Еурофарм Пелистер исто како и Вардар не успеа да одигра ниту еден натпревар на домашна сцена со оглед на тоа што првенството беше прекинато уште пред да стартува плеј-оф сезоната. Во моментов битолчани се во исчекување на епилогот односно на тоа дали и кога би продолжила сезоната, а сите ракометари се во тренажен процес.

Тренерот Жељко Бабиќ со својот стручен штаб има доставено програма до сите играчи, па сите можат да работат без разлика дали се во Битола или во други градови. Тој во интервју за 24Ракомет очекува и РФМ да тргне по стапките на федерациите што ги завршија првенствата.

„Во последните две недели играчите ги контролираме по интернет и ГПС. Сите имаат своја програма. Интернационалците се останати во Битола, а другите се во своите градови каде дисциплинирано работат. За жал нема услови за да се игра првенството. Не се играат натпревари никаде, поголемиот дел од првенствата се завршени. Кога веќе ги одложија Олимписките игри каде што се вложени милиони, за домашните првенства е поинаку. Со оглед и на тоа што сè повеќе првенства се затворени мислам дека може да се очекуа ваква одлука и од РФМ“, коментираше Бабиќ за 24 Ракомет.

 

 

Засега сите се во исчекување на тоа што ќе се случува односно кога ќе се добие зелено светло за враќање на терените. Дотогаш Бабиќ заедно со раководството работи на планот како до крајот на сезоната, но и веќе се размислува за следната за формирање на тимот кој ќе се бори за што е можно подобри резултати на сите полиња.