Жељко Бабиќ: Веќе размислуваме и правиме план за засилувањата за в година

Екипата на Еурофарм Пелистер исто како и Вардар не успеа да одигра ниту еден натпревар на домашна сцена со оглед на тоа што првенството беше прекинато уште пред да стартува плеј-оф сезоната. Во моментов битолчани се во исчекување на епилогот односно на тоа дали и кога би продолжила сезоната, а сите ракометари се во тренажен процес.

Тренерот Жељко Бабиќ со својот стручен штаб има доставено програма до сите играчи, па сите можат да работат без разлика дали се во Битола или во други градови.

„Во последните две недели играчите ги контролираме по интернет и ГПС. Сите имаат своја програма. Интернационалците се останати во Битола, а другите се во своите градови каде дисциплинирано работат. За жал нема услови за да се игра првенството. Не се играат натпревари никаде, поголемиот дел од првенствата се завршени. Кога веќе ги одложија Олимписките игри каде што се вложени милиони, за домашните првенства е поинаку. Со оглед и на тоа што сè повеќе првенства се затворени мислам дека може да се очекуа ваква одлука и од РФМ“, коментираше Бабиќ за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа како се одвиваат работите тешко дека ќе може во брзо време да има промени бидејќи коронавирусот и понатаму е присутна насекаде низ светот и зема уште поголем замав.

„Сепак, додека сме во очекување ние работиме и ги извршуваме нашите обврски. Веќе почнавме да правиме план за следната сезона околу формирање на тимот. Размислуваме за засилувања. Сепак, и доколку дојде одлука првенството да се одигра ние ќе биде подготвени за да го одиграме. Меѓутоа после сите овие откажувања низ цела Европа и после така долга пауза тешко е да се очекува дека македонскиот шамионат ќе се игра. Сметам дека ќе треба да се најде модел за да се дојде до победник“.

Бабиќ има и еден предлог околу тоа кога би можело првенството да биде одиграно и шампионот да биде добиен на терен, а не на зелена маса.

„Не сум доктор, но според тоа како се одвива ситуацијата тешко дека ќе се заврши сето ова за брзо време. Би сакал да првенството да се заврши на терен. Мислам дека можеме да изнајдеме некој модел. Сега е навистина тешко да се донесе решение, но можеби ќе биде најдобро да го одиграме првенството како подготовка за новата сезона. Доколку почнеме со подготовки на 1 јули, а со првенството некаде на 25 јули и играме до 1 септември сметам дека можеме да го добиеме шампионот на терен. Јас сум оптимист во однос на ова и сметам дека можеме тогаш да ги одиграме сите десет кола од плеј-офот“.

Во моментите кога е најтешко особено за неговата земја каде што покрај коронавирусот имаше и силен земјотрес пред неколку дена во Загреб, Бабиќ вели дека во вакви моменти се труди повеќе да мисли на ракометот за да може да ги издржи тешките моменти.

„Многу е тешко во вакви моменти да се биде дома. Сепак, во моментов се трудам што е можно помалку да мислам на тоа. Единственото за кое мислам сега е ракометот и како да бидеме подобро подготвени доколку првенството продолжи или за следната сезона. Се трудам да мислам помалку за дома и за она што се случува во моментов и со коронавирусот и со сè. Доколку не е така лично многу тешко би издржал. Сепак, се трудиме сите да си помогнеме. Се дружиме, работиме повеќе, бараме засилувања. Одиме во канцелариите кои ги имаме и така се обидуваме да бидеме позитивни“, вели тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ.

Засега сите се во исчекување на тоа што ќе се случува односно кога ќе се добие зелено светло за враќање на терените. Дотогаш Бабиќ заедно со раководството работи на планот како до крајот на сезоната, но и веќе се размислува за следната за формирање на тимот кој ќе се бори за што е можно подобри резултати на сите полиња.