Очаен апел на Душебаев: Ни треба помош, не дозволувајте Келце да пропадне!

Полскиот првак Келце победнички ја заврши годината, откако на свој терен го совлада словенечкиот Целје со 36-28.

Но тоа не беше во центарот на вниманието, туку очајниот апел на тренерот Талант Душабев и повикот за помош на клубот.

Келце останува од 1 јануари без главниот спонзор, финансиските проблеми што му се „закануваа“ на клубот, сега одново „тропнаа“ на врата. Тие се сериозни и веќе им се должат големи суми на играчите, стручниот штаб и вработените во клубот.

„Да го спасиме овој клуб! Имаме нешто што го немаат никаде, но во еден момент можеби ќе го немаме. Апелирам до градоначалникот Богдан Вента, до властите во регионот, а исто така и до вас новинарите, помогнете ни да не го изгубиме она за кое работевме овде неколку децении. Овие играчи се мои деца, вие новинарите, навивачите сте моето семејство кое не сакам да го напуштам. Од почетокот на сезоната, ниту јас ниту момците не зборуваме за финансиските заостанати обврски. Сакам да работам овде додека не се пензионирам“, изјави Душебаев.

Тренерот на Келце вели дека има многу клубови што можат да го ангажираат уште сега.

„Има многу клубови кои ќе ме ангажираат веднаш, секој од играчите ќе најде клуб за кратко време. Не сакаме да го правиме ова, но ни треба помош. Ми се јауваат од Сантандер, од Сиудад Реал, каде што порано имаше големи клубови со кои ја освоив Лигата на шампионите. Можеби тие никогаш повеќе нема да бидат клубови на европско ниво. Ние имаме тим кој може да биде на Ф4 во Лигата на шампионите во следните сезони и да го освои трофејот“, заврши Душебаев.

Келце е еден од најдобрите клубови во историјата на полскиот ракомет. Овој клуб освои 19 титули во шампионатот, 7 трофеи во Купот на Полска, како и една титула во Лигата на шампионите во сезоната 2015/16.