ОХРИД 2023: Еурофарм Пелистер – македонскиот првак со генерална проба пред ЛШ

Од 23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ со учество на осум екипи. Покрај домаќинот Охрид, од Македонија ќе играат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје и шампионот Еурофарм Пелистер, додека од странство ќе дојдат турскиот Бешикташ, грчкиот Олимпијакос, српската Металопластика Шабац и словачкиот Татран Прешов. 24Ракомет Ви ги претставува сите учесници...

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по настапот на турнирот во Добој, ќе настапи на уште еден турнир пред стартот на сезоната, а тоа е меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“, кој ќе се игра во Охрид од 23 до 26 август.

Битолчани имаат реновиран ростер за новата сезона откако останаа без искусните Гоце Ојлески, Милорад Кукоски, Мирко Радовиќ, како и Усама Хосни, Мартин Велковски, Бојан Маџовски, Мохамед Суси…

Нови засилувања во македонскиот шампион се српскиот репрезентативец Урош Борзаш, данскиот пивот Андреас Нилсен, потоа словенечките бекови Домен Тајник и Нејц Цехте, како и голманот Калифа Гедбан. Од Еурофарм Пелистер 2, во првиот тим направија трансфер левиот бек Емилијан Ѓорговски и десниот бек Павле Петровиќ.

Избраниците на Александар Јовиќ и Звонко Шундовски одиграа пријателски натпревари против Охрид и Еурофарм Пелистер 2, кои ги добија, а потоа беа дел од турнирот во Добој.

Таму беа поразени од египетскиот и африкански првак Ал Ахли, потоа од францускиот Монпелје и хрватскиот Загреб, а го победија домаќинот Слога Добој. Освен настапот на турнирот во Охрид, битолчани веројатно ќе бидат дел и од турнирот „Куп на пријателството“ со Војводина, Веспрем и Мешков Брест, но тоа дополнително треба да биде потврдено.

Официјалниот старт на сезона ќе биде со дуелот против Вардар на 9/10 септември.

Натпревари на Еурофарм Пелистер на турнирот „Крсте Андоновски Усташ“

23/08, 13:15 часот, Бутел Скопје

24/08, 20:15 часот, Татран Прешов

25/08, 18:00 часот, Металопластика

26/08, за пласман

Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.

.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.