Охрид ја доби драмата во Прилеп

Ракометарите на Охрид потешко од очекувањата славеа на гостувањето кај составот на Прилеп со 26-25. Иако во финишот имаа навидум безбедни плус четири, 24-20, сепак дозволија домаќините да имаат последен напад за бод, кој не беше реализиран.

Во првиот дел избраниците на Горан Андоновски најчесто водеа со еден или два разлика, имаа и плус три, 13-10, но на пауза заминаа со плус еден, 14-13, откако погоди тренерот-играч на домашните Чантурија.

Во второто полувреме прилепчани не попуштаа во темпото, секогаш беа „тука некаде“ до гостинот. Во 52 минута, Прилеп остана без Лозаноски, кој доби црвен картон поради три исклучувања.

Охрид во тој период преку Бојаниќ стигна до највисоките плус четири, 24-20. Домашните не се откажуваа, искусните Ѓорѓиески и Гамзардија намалија на 24-22 за возбудувања во финишот.

Беше 26-24, Охрид на два пати згреши. Најпрво Ѓорѓиески намали на 26-25, потоа имаше дваесетина секунди за последен напад Прилеп, кој беше спречен со фаул. Ударот од девет метри на Гавашелишвили не беше опасен, па победата и бодовите останаа за Охрид.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бојаниќ со шест, како и Озтурк и Рустамов со по пет гола. Кај Прилеп, најдобар стрелец беше Шокоски со осум погодоци.