Охрид за десет минути го реши Куманово

Ракометарите на Охрид дојдоа до втората победа во Супер лигата, откако на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа триумфираа со 15 гола разлика, 35:20.

Тимот на Куманово, кој во претходните две кола беше поразен од Аеродром, односно Струга, во ниту еден период од дуелот не беше рамноправен ривал.

Избраниците на Стевче Алушовски диктираа темпо од првата, па до последната минута. Разликата меѓу двата тима беше евидентна уште во раната фаза од натпреварот кога гостите се одлепија на 6:1. Веќе во тој момент Охрид ја оправда улогата на фаворит и до крајот на натпреварот не с еопушти ни за момент.

На полувреме гостинскиот тим имаше плус девет гола разлика, 19:10, додека во вториот дел, во кој домаќините беа целосно немоќно во налетот на „гладијаторите“, достигна 15 гола разлика. Алушовски во вториот дел ја измени поставата и шанса на теренот имаа и останатите ракометари од клупата.

Предводник во убедливата победа против Куманово беше Никола Стоилевски со пет погодоци, по четири постигнаа Деан Шешиќ, Владимир Бојаниќ,  Иван Тасески и големиот талент Никола Шишинкоски. Голманите Даниел Ѓорѓески и Бобан Ристевски имаа 15 одбрани, од кои седум пенали.

Кај Куманово најрасположен беше кружниот напаѓач Дарио Симоноски со четири погодоци, а Иван Димитров, Тино Стојановски и Зоран Ѓуровиќ имаа по три реализации.

Во следното, 4. Коло, тимот на Охрид на свој терен ќе игра против Еурофарм Пелистер 2. Куманово првите бодови ќе ги бара во дуелот со Тиквеш.