Охрид го доби езерскиот пријателски двобој со Струга

Ракометарите на Охрид продолжуваат во победнички ритам на контролните дуели пред почетокот на вториот дел од сезоната, во која тимот на Горан Андоновски ќе игра во плеј-оф фазата.

Охриѓани денес во пријателски меч против екипата на Струга остварија убедлив триумф од 29:21.

Победникот веќе беше познат уште по првото полувреме, кое што заврши со резултат 16:9 за екипата на Андоновски.

Тимот на Охрид претходно во подготвителниот период славеше убедливо против Куманово, додека на турнејата во Србија беше подобар од Партизан со 28:26, а во дуелот со Црвена Ѕвезда доживеа пораз од 35:34.

За Стружани денешниот пријателски меч беше втор во низа, откако пред извесен период ракометарите на Жарко Ферукоски на гостувањето во Прилеп против истоимената екипа триумфираа со 35:23.

Струга во вториот дел од сезоната ќе игра во плеј-аут фазата, а нејзини ривали во борбата за опстанок ќе бидат екипите на Прилеп, Радовиш, Вардар Неготино, Куманово, Јуниор КВ, Голден Арт и Скопје.