ОФИЦИЈАЛНО: Љубомир Савевски селектор и координатор на сите женски селекции

Одличните резултати особено со кадетската репрезентација која го освои првото место на ЕХФ шампионатот во Клаипеда и донесе голем успех за младинскиот женски ракомет покажаа дека поставувањето на Љубомир Савевски за координатор и селектор на женските селекции е исправна, па тој во следните две години и официјално ќе биде на оваа функција. Ова е одлука на Управниот одбор на РФМ, па тој продолжува со водењето на женските репрезентации.

Савевски после пауза од деценија и пол се врати во ракометот и стигна до трофеј во Литванија со кој Македонија обезбеди учество на кадетското Светско првенство, учество на Европското првенство за кадетски за следната генерација како и на Европското првенство за младинки.

Ова беше само показател дека треба да се донесе одлука за тој и официјално со договор на период од две години да биде поставен на функцијата која ја извршуваше така што ќе биде на оваа позиција до крајот на август во 2023 година. Инаку, досега договорот беше на три месеци односно за ЕХФ шампионатите во младинска и кадетска конкуренција.

Во претстојниот период следуваат многу нови активности, па ќе има доста ангажман бидејќи покрај тоа што следното лето ќе биде доста активно ќе има и Европско првенство за сениорки во декември во 2022 година на кое Македонија е еден од организаторите заедно со Словенија и Црна Гора.