ОФИЦИЈАЛНО: Костадин Петров ќе настапува на Исланд!

Како што најави 24Ракомет пред извесен период, репрезентативецот на Македонија, Костадин Петров во новата сезона ќе настапува на Исланд и ќе го носи дресот на Тор Акурејри, клуб кој е предводен од македонскиот стратег Стевче Алушовски.

Денес раководството на Тор Акурејри и Петров го официјализираа договорот, кој ќе биде со важност од една година и со опција на продолжување на истиот, доколку двете страни бидат задоволни од соработката.

Петров потекнува од составот на Борец, играше за Радовиш и Куманово, пред да се пресели во Металург, од каде замина во Пелистер. Настапуваше за романската Сучеава и шпанската Гвадалахара, а минатата сезона играше за тимот од Автокоманда и шампионот Вардар.

Тор Акурејри за влакно не успеа да се пласира во елитната конкуренција на Исланд, но сезонава има зголемени амбиции, а Петров треба да му помогне на клубот во нивното остварување.

Нов предизвик за Македонецот: Костадин Петров се сели на Исланд!