ОФИЦИЈАЛНО: Данецот Кисум го засили Еурофарм Пелистер (ФОТО)

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер денес официјално го претстави новото засилување во тимот, ракометарот од Данска, Каспер Кисум, кој доаѓа од составот на Сондерјиске.

Кисум има 30 години, настапува на позицијата лев бек и ќе биде опција плус за тренерот Ларс Валтер, кој не може да смета на Руди Сери, Мохамед Суси и Емилијан Ѓорговски на таа позиција.

Данецот потекнува од Рингстед, настапуваше и за Нордсјеланд, пред да се пресели во Бундес лигата во 2014 година. Во Германија мина три сезони во Фленсбург, Штутгарт и Хановер, а потоа заминува во Франција.

Таму го носеше дресот на Тулуз, од каде што се враќа во Данска и до лани настапуваше за Нордсјеланд четири сезони. Летото 2022 се пресели во Сондерјиске, од каде што по половина сезона доаѓа во Битола.

Кисум најверојатно својот деби настап во дресот на ,,фармацевтите” ќе го има во сабота кога битолскиот тим во рамки од првото коло од плеј-оф фазата ќе се соочи со Бутел.