ОФИЦИЈАЛНО: Гедбан две години во Адемар Леон!

Актуелниот чувар на мрежата на Вардар, алжирскиот репрезентативец Калифа Гедбан средината на јули ќе ја започне во Шпанија. Тој потпиша договор со шпанскиот клуб Адемар Леон и по две сезони поминати во Скопје ќе замине во АСОБАЛ лигата.

Иако шпанските медиуми тврдеа дека Гедбан имал високи финансиски барања и трансферот во Адемар би можел да биде откажан, сепак Алжирецот потпиша на две години.

Гедбан е четвртиот ракометар на актуелниот шампионски тим на Вардар кој сигурно заминува од клубот и заедно со Шишкарев на крајот на сезоната ќе се преселат од Скопје.

Откако на почетокот на оваа година, финансиските проблеми кои се актуелни последните три години, имаа своја кулминација, Даинис Криштопанс  замина во Фуксе Берлин, а преодниот рок на полусезоната го искористи и Павел Атман и се врати во Русија.

Данил Шишкарев засега е единствениот ракометар кој официјално е промовиран во нов дрес (Веспрем) за наредната сезона, а тука е и Калифа Гедбан кој својата ракометна среќа ќе ја бара во Шпанија.

Се очекува заминување на уште неколку ракометари од клубот, кој според најавите наредната година треба да биде со намалени амбиции, но конкурентен во Европа.