ОФИЦИЈАЛНО: Банцалиски ќе настапува за клуб од Холандија

Како што најави 24Ракомет, средниот бек од Партизан Гевгелија, Ѓорѓе Банцалиски, од следната сезона ќе настапува во Холандија и ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера. 20 годишниот ракометар од Богданци го официјализираше договор со холандскиот суперлигаш Динамико и во клубот беше претставен како засилување на средната бековска позиција.

Банцалиски во Динамико тренираше околу еден месец и доби високи оценки од стручниот штаб на екипата, кој е предводен од новиот тренер, Дамир Јосиповиќ. Младиот ракометар од Македонија со раководството на холандскиот клуб се договори на едногодишна соработка.

Динамико игра во најквалитетната лига во земјата каде што има голем подем во машкиот ракомет. Доказ за тоа се одличните резултати на холандската репрезентација, која е ривал на Македонија на Светското првенство во 2023 година кое ќе се игра во Шведска и Полска.

За Банцалиски интерес имаше и од клубови од Белгија и Германија, но довчерашниот ракометар на Партизан Гевгелија одлучи кариерата да ја продолжи во Холандија. Средниот бек во минатата сезона беше незадржлив на терените и претставуваше закана за сите противници во прволигашкото друштво. Освен за Партизан играше и за матичниот клуб Младост од Богданци.

Во сезоната која што измина, Банцалиски заврши како трет стрелец во Првата лига со вкупно 175 погодоци. На дел од прволигашките натпревари не беше во составот на Партизан Гевгелија. Со трансферот на Банцалиски во Холандија, Македонија доби нов интернационалец за следната сезона.