Од Шиофок заминаа три ракометарки, следна е „бунтовничката“ Пена

Откако унгарскиот тим Шиофок објави дека ја суспендира најдобрата ракометарка Нереа Пена веднаш се појавија првите заинтересирени екипи за најезин трансфер. Според романските медиуми Пена е обвинета за создавање лоша атмосфера во соблекувалната повикувајќи ги соиграчите да не играат додека не ги добијат заостанатите плати.

Заинтересираност за услугите на шпанската репрезентативка покажале од ЧСМ Букурешт кои сакаат да ја засилат средната бековска позиција, пренесува романскиот портал „ГСП“.

Освен романскиот тим, исто така и Есбјерг би сакал во своите редови да ја донесе Пена, но да покрива на десната бековска позиција. Шпанската репрезентативка пред да пристигне во Шиофок во 2019 година, играше седум сезони во Ференцварош како десен бек.

Шиофок иако минатата сезона играше одлично, во новата има многу проблеми пред се финансиски што предизвикува незадоволство кај ракометарките. Исто така и резултатите се многу послаби, а повеќе ракометарки најавија заминување.

Пикерот Даник Снелдер потпиша за германскиот Битигхајм, десниот бек Лаура ван ден Хејден е пред потпис со Борусија Дортмунд, додека голманката Дина Екерле би требало да се пресели во францускиот Мец.

Од Шиофок најавија дека не станува збор за никакви финансиски проблеми или намалување на амбициите, туку дека не сакаат во тимот да имаат незадоволни ракометарки, кои дошле во клубот само поради планираниот настап во Лигата на шампионите, а тоа не се оствари.