Од Веспрем најавуваат: Ќе лобираме во ЕХФ за ПИК Сегед да добие место во ЛШ догодина!

Унгарската ракометна федерација ги поништи првенствата во сите категории поради коронавирусот и не прогласи шампиони. Беше најавено дека за патниците во европските купови ќе бидат валидни табелите од претходната сезона.

Тогаш Веспрем беше првак и доби директно место во Лигата на шампионите, а ПИК Сегед преку вајлд-карта обезбеди место во елитата.  Сепак следната сезона ЛШ ќе биде скратена, само со 16 екипи, а Унгарија има едно директно место и тоа ќе биде за Веспрем.

ПИК Сегед ќе мора повторно по заобиколен пат до ЛШ, но сега борбата ќе биде со многу повеќе екипи. Од големиот ривал Веспрем најавија дека ќе сторат се што е во нивна моќна за ПИК Сегед да добие директно место во ЛШ.

„Ние ќе се потрудиме и ќе направиме се што е во наша моќ за ПИК Сегед да игра во Лигата на шампионите следната сезона. Двата тима го заслужуваат тоа, бидејќи ние сме убедени дека се меѓу најдобрите во Европа. Ќе ја информираме ЕХФ за ова прашање и се надеваме дека тие ќе соработуваат“, изјави Ласло Наѓ, кој освен улогата на спортски директор во Веспрем, работи и во унгарската федерација.

И двете унгарски екипи, Веспрем и ПИК Сегед, ќе играат во осминафиналето на Лигата на шампионите оваа сезона.