Одличните настапи во Лига на Европа му донесоа трансфер во Франција

Моментално најдобриот стрелец од Лига на Европа и втората Бундес лига, левиот бек Игор Турченко, откако имаше одлични партии во групната фаза во второто по квалитет европско натпреварување, си обезбеди трансфер во Франција.

22-годишниот ракометар на Мотор Запорожје во следната сезона ќе настапува за амбициозниот тим на Лимож, клуб кој во оваа сезона има буџет од околу шест милиони евра.

Францускиот суперлигаш со Турченко се договори на соработка, со важност до 2025 година. Украинецот во редовите на Лимож ќе пристигне пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, односно во јули.

Турченко групната фаза во Лига на Европа ја заврши со 85 погодоци и беше најзаслужен за пласманот на Мотор Запорожје во осминафиналето. Во втората Бундес лига има постигнато 175 погодоци.

Игор е син на некогашниот ракометар на Младост, Сергеј Турченко. Тој долги години играше во Богданци, а потоа настапуваше и за Борец Тедико и Климент Охридски. Во меѓувреме доби и македонски пасош и настапуваше за македонската репрезентација во квалификациите за ЕП 1998.