Одличниот Талески не погоди за победа против Томовски, Пешевски без грешка против РНЛ

Во 14. коло од Бундес лигата силите ги одмерија екипите во кои настапуваат македонските репрезетативци Филип Талески и Мартин Томовски. Балинген и Лудвигсхафен одиграа интересен и неизвесен натпревар, а „македонското“ дерби заврши без победник 25:25.

Во дуелот подобро влезе гостинската екипа која имаше почетно водство. Лудвигсхафен успешно го одржуваше и постојано имаше позитива. Балинген не дозволуваше противникот да се одлепи и постојано беше на гол или два негатива. На полувреме Лудвигсхафен имаше водство 14:12.

Екипата на Талески во продолжението постојано бркаше негатива, а конечно успеа да израмни во 58. минута на 24:24. До крајот беше многу неизвесно, во последната минута на нерешено гостите имаа напад за победа но голманот Јансен со прекрасна одбрана го спаси својот гол и останаа десетина секунди за Балинген. Домаќините не организира добар напад и остана само удар од девет метри кој го изведе Талески но Шкоф успеа да му го одбрани ударот.

Филип Талески имаше извонреден настап со четири гола и седум асистенции и беше втор стрелец во својот тим зад Гретарсон кој постигна девет. Мартин Томовски на голот на Лудвигсхафен имаше четири успешни интервенции.

Во вториот натпревар каде што имаше претставник од Македонија, Жарко Пешевски минимално беше поразен со својот Штутгарт на гостувањето кај Рајн Некар со 33:32. Репрезентативниот пикер на Македонија имаше перфектна реализација и постигна три гола од три шута.