Одлична партија на Ристовска, ЦСКА Москва со убедлива победа

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска имаше одлична партија во шампионатот на Русија, а нејзината ЦСКА Москва го доби дерби натпреварот против Звезда Звенигород со осум гола разлика, 35:27.

Ракометарките на Звезда Звенигород пружија силен отпор во првиот дел, но поискусната екипа на Флорентин Пера во последните пет минути го скрши отпорот на противникот и на пауза замина со предност од 16:11.

Разликата во квалитет помеѓу двете екипи беше причина за одличната игра на ЦСКА Москва во вториот дел. Голема улога во победата имаше и Сара Ристовска која натпреварот го заврши со седум постигнати гола, исто толку гола постигна и нејзината колешка, Елена Михајличенко.

Натпреварот против Звезда Звенигород беше загревање за ЦСКА Москва пред важниот дуел во Лигата на шампионите против поранешниот европски првак, Ѓер.