Овче Поле СУ ја одработува првата фаза од подготовките, амбициите се пласман во плеј-офот!

Амбициозната екипа на Овче Поле Славјански Универзитет, моментално, ја одработува првата фаза од подготовките, кои се одвиваат во Претор. Вообичаено на стартот на подготовките се работи на подобрување на физичката подготвеност и воигрување на екипата за новата сезона.

Тренерот на Овче Поле Славјански Универзитет, Илија Бетувски е задоволен од досега одработеното во првата фаза од подготвителниот период и најави дека доколку ракометарките одработат според зацртаните цели во регуларниот дел од сезоната, тогаш клубот ќе може да се надева на пласман во плеј-оф фазата.

Бетувски имаше пофални зборови и за новите ракометарки – Ангела Костовиќ, Марија Галевска, Ивана Станчева и Јована Ангеловска. Четирите нови ракометарки во екипата треба да бидат освежување и да донесат квалитет плус во тимот од Свети Николе

,,Во Претор, со исклучок на една ракометарка, дојдовме во полн состав. Тренинзите се одвиваат без никаков проблем, а новите ракометарки веднаш се вклопија во нашиот систем на работа и можам да кажам дека сум задоволен од нивното залагање на тренинзите. Тука работиме само кондициони тренинзи. Од Претор се враќаме во Свети Николе и ќе продолжиме со реализирање на втората фаза од подготовките. Пред стартот на новата сезона ќе одиграме неколку контролни натпревари. Доколку помине сѐ по планираното, очекуваме да обезбедиме пласман во плеј-оф фазата во Женската лига”, изјави Бетувски за 24Ракомет.

Ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет во новата сезона ќе играат во група Б заедно со Ѓорче Петров, Металург, Стружанка, Деспина, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите ќе се преселат во плеј-аут групата. Во првото коло, кое ќе стартува на 10/11 септември, избраничките на Бетувски ќе гостуваат во Автокоманда кај Металург.