Овче Поле СУ убедлив на свој терен, Кузман Вардар парираше десетина минути

Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет во натпревар од 10. коло од Женската лига без проблеми триумфираше против Кузман Вардар со 32:12.

Избраничките на Кузмановска парираа во првите десетина минути, издржаа до 3:3, а потоа се беше во знакот на домаќинките, кои од минута во минута ја зголемуваа предноста и на полувреме заминаа со висока позитива од 15:5.

Во продолжението шанса за настап добија сите ракометарки, домаќинките продолжија со исто темпо, ги казнуваа грешките на противникот и дојдоа до убедлива победа.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Наталија Манева со девет и Анастасија Сентовска со седум погодоци. Кај гостинот од Скопје се истакна Нина Милевска со пет погодоци.

Овче Поле Славјански Универзитет во следното коло ќе игра против Астибо, додека Кузман Вардар на свој терен ќе ја пречека Деспина.