Овче Поле СУ оствари рутинска победа против Кузман Вардар

Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет ја забележа втората победа во Женската лига, откако во натпревар од 3. коло од групата Б без мака ги освои бодовите на гостувањето кај Кузман Вардар триумфирајќи со убедлив резултат од 47:21 (22:6).

Ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет имаа фуриозен старт и во воведниот дел поведоа со 5:0. Домашниот состав првиот гол го постигна преку Петковска во 5-та минута и во останатиот дел од дуелот поради кратката клупа не можеше да се носи против поискусниот противник од Свети Николе, кој во првите 30 минути речиси секоја грешка на домаќинот ја казнуваше со погодок и од минута во минута ја зголемуваше својата резултатска предност. Овче Поле Славјански Универзитет на полувреме замина со предност од 22:6.

Второто полувреме донесе уште посигурна игра на гостинките, па така предноста само растеше и неизвесно беше само со колку разлика ќе триумфира гостинот од Свети Николе. Ракометарките на Кузман Вардар во второто полувреме ја подобрија играта и постигнаа повеќе гола од првиот дел.

Најефикасни во победничката екипа беа Анастасија Сентовска со десет, како и Наталија Манева и Стефанија Павловска кои постигнаа по девет гола во мрежата на домаќинот. Во поразениот табот се истакна Сандра Јовевска со шест погодоци.