„Ова нема смисла – до вчера за еден заразен откажуваа натпревари, а сега не тераат да играме“

Раководството на хрватскиот шампион Загреб остана шокирано после барањата на ЕХФ да отпатуваат во Германија и да ги одиграат двата натпревари против Фленсбург во рамките од четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Поради заразените ракометари на Kовид-19, Загреб се договори со германскиот тим двата натпревари да ги одигра на гостински терен на 7 и 8 април. Двата тимови требаше да се сретнат уште на 1 април.

Но во тимот предводен од Ивица Обрван ситуацијата е нестабилна и моментално само пет ракометари не се позитивни. Раководството на клубот не помислува да регистрира ракометари од јуниорскиот тим, да ги пријавува во ЕХФ, да подготвува стратегија….

Директорот на Загреб, Ведран Шупуковиќ остана запрепастен после барањата од главната ракометна куќа која инсистира на одигрување на двата натпревари во Фленсбург. За „Спортске новости“ ја коментираше одлуката на ЕХФ.

„Не сакам јавно да трошам зборови на одлуката донесена од ЕХФ. До вчера сите натпревари ги регистрираше со 10:0 доколку во некоја од екипите имаше позитивни случаи на ковид 19, а сега се инсистира на играње иако нашата соблекувална е буквално полна со вирус. Стварно не знам што можеме тука да направиме, ова нема смисла”, изјави Шупуковиќ.

Во календарот на ЕХФ стојат датумите 7 и 8 април за одигрување на натпреварите помеѓу Загреб и Фленсбург. Денеска би требало да се знае конечниот исход од целата ситуација.