Обрван: Имаме сили, знаење и можност да се пласираме во Задар

Екипата на Вардар има предност од 24:20 од првиот дуел против ППД Загреб, а утревечер ја очекува тешка средба на гостувањето во главниот град на Хрватска каде што ќе треба после тие 60 минути да се излезе како победник и да се обезбеди пласман во Задар каде ќе се игра завршниот турнир.

Пред овој натпревар оптимизмот е присутен и кај едниот и кај другиот состав. И двата тренери очекуваат позитивен епилог, но само еден ќе може со својот тим на завршниот турнир.

„Ја анализиравме играта од првиот натпревар каде што не бевме задоволни со играта во напад, а особено од финишот на натпреварот. Со оглед на сè сметам дека резултатската разлика на крајот, сепак, е превисока. Сепак, пред нас е тешка задача, но направивме добра анализа во последните три дена и се фокусиравме на поправање на недостатоците. Сите заедно ќе го дадеме секој атом од силите и концентрацијата за поволен резултат. Сметаме дека тоа го можеме и дека можеме да се носиме со екипата на Вардар и сме убедени дека имаме сили, знаење и можност да се пласираме на Ф4 во Задар“, вели тренерот на Загреб, Ивица Обрван.

Средбата се игра утре од 20 часот во салата „Сутинска врела“која има капацитет за 1.300 гледачи.