Норвешка осмипат на тронот, Франција се симна една скала пониско

Со победата од 22:20 селекцијата на Норвешка дојде до осмото злато во 14. учество на Европските првенства. Денеска Норвежанките имаа контрола на играта и на резултатот во поголемиот дел од средбата, а на крајот сосема искусно дојдоа до уште една победа и со максимални осум победи на осумте средби ја освоија титулата.

Франција, која беше европски првак не успеа да го одбрани тронот откако во финалето не успеа да финишира на најдобар можен начин, па после златото пред две години сега среброто оди кај триколорките.

Почетокот на средбата им припадна на репрезентативките на Франција кои успеаја да поведат со 2:0 после две минути игра. Овие два гола разлика ги чуваа до 7. минута кога беше 4:2. На ова следуваше одговор со 5:0 од Норвежанките кои шест минути не примија гол и одиграа далеку подобро.

Лошата реализација на Французинките продолжи и во следниот период од првото полувреме. Во 23. минута водството на Норвешка беше 11:6 така што тука беше обезбедена предност која гарантираше мирно продолжение на средбата.

Норвежанките знаеја да ја зачуваат предноста до крајот на првото полувреме кога резултатот беше 14:10 и овие четири гола предност го доближуваа составот на Норвешка до златниот медал.

Почетокот на вториот дел донесе подобра игра од Франција. Триколорките имаа далеку повеќе идеја во нападот. Се снаоѓаа лесно и тоа носеше реализација и топење на негативата. Од 11:16 во 35. минута прво во 42. минута беше обезбеден приклучок на 15:16. Тука не одеше ништо во редовите на Норвешка, додека Французинките успеаја да наметнат своја игра.

Во 49. минута повторно беше обезбеден нерешен резултат, а израмнуњето беше на 17:17. Овој нерешен резултат значеше големо возбусување во последните 11 минути и надигрување. Имаше пресврти бидејќи и Франција и Норвешка се менуваа во водство.

Франција водеше со 19:18 на седум минути до крајот, но две минути подоцна Норвешка имаше предност од 20:19. Клучниот погодок дојде во 58. минута кога Солберг-Исаксен погоди за 22:20. Тука веќе немаше шанси за ново враќање. Норвежанките се одбранија, а во желбата за да дојдат до намалување на негативата и можност за нешто повеќе репрезентативките на Франција им помагаа бидејќи правеа грешки.

Резулатот остана до крајот откако Нора Морк не го реализираше ударот од седум метри за уште повисок триумф така што победата на Норвешка над Франција во финалето на 14. Европско првенство за сениорки изнесуваше 22:20.

ФРАНЦИЈА – НОРВЕШКА            20:22 (10:14)

Сала: Јиске Банк Боксен во Хернинг. Судии: Викторија Алпаидзе и Татјана Березкина од Русија. Делегати: Кармен Мачадо Лопез од Шпанија и Драган Начевски од Македонија.

ФРАНЦИЈА: Лејно (6 одб., 1 сед.), Дарле (7 одб., 1 сед.), Ноканди 0/1, Коатанеа 1/2, Валентини, Зади Деуна 3/7, Кујате, Нијакате 3/4, Дембеле Павловиќ 1/1, Уголин 1/6, Флипс 3/6, Канор 0/2, Едвиге, Фопа 5/8, Нзе Минко 1/4, Лакрабер 2/3.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.

НОРВЕШКА: Солберг (16 одб.), Лунде, Рајстад 2/6, Арнцен, Кристијансен 4/8, Фрафјорд, Локе, Скогранд 4/6, Морк 4/8, Офтедал 3/8, Ларсен 0/1, Дале 1/1, Херем 3/4, Солберг-Исаксен 1/2, Брејстол.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.