Норвежанките со силен тим, ја сакаат светската титула назад

Женската сениорска репрезентацијата на Норвешка откако на последните два Мундијали не успеа да дојде до трофејот и го освојуваше 2. и 4. место, следниот месец ќе се обиде да надомести односно да освои трофеј на Светското првенство во Шпанија.

Селекторот Торир Хергеирсон веќе ги објави имињата на 18 ракометарки на кои ќе смета на шампионатот кој се одржува од 1 до 19 декември, а Норвежанките ќе бидат меѓу главните кандидати за освојување на трофејот.

Во составот на Хергеирсон се најдоа голманките: Силе Солберг (Ѓер), Катрине Лунде (Кристијасанд) и Рике Гранлунд (Шамбри). Другите 15 ракометарки се: Хени Рајстад, Кристин Брејстел, Сана Солберг, Марит Јакобсен, Вилде Ингстад (Есбјерг), Емили Арцен (ЧСМ Букурешт), Вероника Кристијансен, Стине Офтедал, Кари Братсет Дејл (Ѓер), Стине Скогранд (Хернинг Икаст), Нора Мерк (Кристијансанд), Миа Хегдал (Виборг), Камила Херем (Сола), Марен Ордал (Одензе), Емили Ховден (Сторхамар).

Главниот тест пред Мундијалот ќе биде турнирот во Берген каде што учество ќе земат и селекциите на Казахстан, Иран и Романија.

Инаку, Норвешка е актуелен европски првак, а досега има три титули на Мундијалите.