Голем удар за Русија: Сениорите без EП и СП до 2027 година, кадетките и младинките останаа без ЕП!

Откако машката репрезентација на Русија беше исклучена од квалификациите за СП 2023, не беше вклучена во квалификациите за ЕП 2024 година, следува уште еден голем удар за рускиот репрезентативен ракомет.

Според информациите на 24Ракомет, на последниот состанок на Извршниот Комитет на ЕХФ кон крајот на септември, било најавено дека Русија и Белорусија нема да бидат вклучени ниту во квалификацискиот систем за ЕП 2026, што ќе се игра во Данска, Шведска и Норвешка.

Со оглед на тоа што квалификациите почнуваат веќе во јануари 2023 година со претквалификациски турнир со Кипар, Азербејџан, Велика Британија и Малта, и конечниот број на учесници и системот е познат, не може во следната (главна) фаза да бидат вклучени две нови селекции.

Сепак останува надежта дека Русија би можела да биде дел од квалификациите за СП 2025 година, бидејќи тие ќе почнат во ноември 2023, но за такво нешто да се случи треба ситуацијата во тој регион да се нормализира што поскоро.

Кадетите и младинците на Русија и Белорусија не играа на ЕХФ шампионати, а следствено на тоа не можат да играат ниту на СП 2023. За очекување е дека таков ќе биде случајот и со ЕП 2024 година и СП 2025 во двете категории.

Тоа значи дека машкиот руски ракомет ќе апстинира од големи натпреварувања најмалку до 2027 година.

Кај дамите ситуацијата е малку поинаква, и тие би можеле да се вратат порано на големата сцена. Ги пропуштаат ЕП 2022 и СП 2023, а многу веројатно и ЕП 2024 за кое квалификациите почнуваат во март 2023 година. Најрано руските ракометарки би можеле да играат на СП 2025 година, а тоа значи дека Олимписките игри во Франција во 2024 година се недостижни.

Кадетките и младинките на Русија и Белорусија се исклучени од ЕП 2023 година, на нивно место меѓу најдобрите 16 влегува селекцијата на Исланд, која ќе игра следното лето во елитата. Следствено на ова, Русија нема да игра на младинското СП 2024 во Македонија и на кадетското СП 2024.

За една од најуспешните нации во ракометот, ова е голем удар и ќе се загубат голем број на генерации во сите категории, ќе се намали интересот за овој спорт во државата, а ниту европскиот и светскиот ракомет нема да бидат исти без учеството на Русија на големата сцена.