Нов тежок пораз на Вардар, за десет минути претрпеа голем удар од Мешков Брест

Вардар претрпе уште еден тежок пораз на гостувањата во Лигата на шампионите, а ова е уште еден тежок удар бидејжи против Мешков Брест загуби со 22:31. Со оглед на тоа што за 50 минути игра имаше рамноправност, а во последните десет голема доминација на домашните ова беше пораз во финишот од средбата.

Уште од почетокот мечот влезе во неизвесност. Домашните поведоа со голот на Шкурински, но Вардар врати брзо преку Кристопанс и Дибиров. Имаше постојани промени. Речиси редовно имаше по два гола на двете страни, но ниту еден тим не успеа да направи предност поголема од еден гол.

Така се играше постојано некаде до 20. минута, кога се стабилизира резултатот. Тука веќе се играше гол, за гол, а после 11:11 вардарци дојдоа првпат до два гола плус. Стоилов и Атман донесоа 13:11 на две минути до крајот од првото полувреме.

На ова домашните вратија со погодок, а Вардар доби шанса да нападне во последната минута, но немаше гол после тајм-аутот. Мешков Брест го имаше последниот напад, но и домашните не искористија, па на одмор Вардар замина со водство од 13:12.

Вториот дел домашните го почнаа многу подобро. За три минути стигнаа до 15:13 и овие два гола предност успеваа без поголеми проблеми да ги одржуваат. Вардар намалуваше на гол, но никако не успеваше да фати приклучок. Секој обид да се дојде до нешто повеќе завршуваше неуспешно.

Како одминуваше времето така и одбраната попушташе. Тоа носеше зголемуање на предноста на противникот. Мораше да се ризикува и да се проба со игра на празен гол, а и тоа не даваше многу резултат.  Место тоа противникот успеа да си набилда предност, па како одминуваше времето така се губеше овој дуел, а негативата стануваше сè поголема.

Последен пат гол негатива беше во 52. минута кога Мешков Брест водеше со 23:22, а потоа со пет гола за три минути домаќините дојдоа до 28:22 и тука го решија победникот на овој дуел. Полнењето на голот продолжи до крајот, а после завршувањето на мечот резултатот гласеше 31:22.

МЕШКОВ БРЕСТ – ВАРДАР         31:22 (12:13)

Сала: Викторија во Брест. Судии: Иван Павичевиќ и Милош Ражњатовиќ од Црна Гора. Делегат: Иван Долејц од Чешка.

МЕШКОВ БРЕСТ: Пешиќ (14 одб.), Мацкевич, Канкараш 1/1, Кулак, Паниќ 0/2, Шкурински 9/12, Јуринок 0/1, Обрадовиќ 0/1, Акамбре 1/1, Шумак 2/3, Разгор 3/3, Обрановиќ 2/6, Селвјасјук 1/1, Ѓукиќ 0/1, Вајлупов 12/12, Малус.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 4 мин.

ВАРДАР: Гедбан (6 одб.), Кизиќ, Кугис, Стоилов 6/7, Кукуловски, Димитриоски, Кристопанс 3/7, Карапалевски, Сикошек Пелко 1/1, Атман 4/11, Скубе 3/5, Калараш 0/1, Чупиќ 0/1, Дибиров 4/8, Шишкарев 0/2, Горпишин 1/1

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.