Нов одложен натпревар во ЛШ, Карбеска и Илиева ќе почекаат нов термин за да судат

Натпреварот меѓу Рамницу Влчеа и Подравка кој трбаше да се одигра в недела од 16 ласот во Романија е одложен, а новиот термин засега не е познат. Ова значи дека судиската двојка од Македонија, Силвана Карбеска-Марија Илиева ќе мора да почекаат за да ја делат правдата во Лигата на шампионите, првпат сезонава.

Причината за одлагањето на натпреварот е во актуелната ситуација. Пандемијата со коронавирусот направи нови проблеми така што сето ова влијае и на распоредот на натпреварите и нивното одигрување.

Во Романија во делот во кој е тимот на Рамницу Влчеа не е можно да се организираат натпревари. Затоа беше побарано одлагање. Од друга страна од Подравка беше упатен предлог до романскиот состав за играње на средбата во Копривница. Сепак, од Рамницу Влчеа истиот не беше прифатен со образложение дека во кратко време не може да се организира патување во Хрватска.

Оттаму со цел да се заштитат сите ракометарки, членовите на стручниот штаб на двата тима и официјалните лица беше донесена одлука за одлагање на средбата.

Ова значи дека Силвана Карбеска и Марија Илиева својот натпревар од Лигата на шампионите ќе го имаат подоцна сезонава односно ќе почекаат за нов термин.