Нов клуб се раѓа и дама ќе биде тренер на машки сениорски тим

Следната сезона ќе биде прва за новиот клуб на ракометната сцена во Македонија, кој би требало да го носи името „Скопје“. Клубот треба да почне да се натпреварува во Прва лига и тоа со надежна генерација која досега настапуваше во кадетска и младинска конкуренција. Сега е време да „скокнат“ и да почнат сениорска кариера.

Според информациите до кои дојде 24ракомет, новиот клуб наскоро ќе биде промовиран заедно со стручниот штаб и играчите. Би гравитирал во Општина Центар во Скопје.

Предводник на клупата ќе биде поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Андријана Будимир, која до неодамна ги водеше младинците на Вардар. Тоа ќе биде вторпат во историјата на македонскиот ракомет, дама да биде главен тренер во машки сениорски клуб, откако пред две сезони Солунка Митева беше тренер на Рудар Пробиштип.

Будимир досега покажа дека е зрела за водење на екипа, но ова ќе биде сериозен тест. Таа беше првата дама тренер на машка репрезентација во Македонија. Со нејзе на клупата треба да седне и Аце Станковски, кој досега беше нејзин помошник, а зад себе има големо и богато искуство во повеќе екипи, меѓу кои и во машката и женска екипа на Вардар.

Скопје најверојатно ќе игра во Првата лига, а костурот на тимот ќе го сочинуваат најголем дел од играчите што лани играа во младинската екипа на Вардар – Давид Савревски, Симон Калајџиески, Велимир Грујовски… Тие досега покажаа голем потенцијал и квалитет, а сега ќе почнат да играат „сениорски ракомет“ со противници кои се повозрасни од нив.

Дел од играчите лани настапуваа и за сениорскиот тим на Вардар на неколку натпревари на крајот од сезоната кога веќе беше јасно и потврдени дека „црвено-црните“ се шампиони на Македонија. Тогаш Парондо повика неколкумина надежни ракометари од таа генерација кои играа на средбите во Скопје.

Следната сезона во машката Супер лигата ќе играат 16 екипи (14 во регуларен дел + 2 што настапуваат во СЕХА лигата), а другите ќе бидат во Прва лига. Сите нови екипи ќе имаат шанса да се борат веднаш за опстанок во Прва лига, а според најавите на РФМ потоа ќе се формира и Втора лига.