Новата сезона во СЕХА треба да почне на 26 септември, но со колку екипи?

Новата сезона во регионалната СЕХА лига би требало да започне на 26 септември според првичниот план и во есенскиот дел ќе бидат одиграни натпреварите од групната фаза.

Најпрво треба да се одигра четвртфиналниот реванш натпревар меѓу Вардар и Нексе, па завршниот турнир од минатата сезона од 4 до 6 септември, а во меѓувреме ќе бидат објавени екипите учесници за новото, 10. издание.

Веројатно ќе продолжи праксата со играње во две групи, но нејасно дали ќе има 12 или 14 екипи. Има едно испразнето место, со оглед дека Пекинг Универзитет нема да игра, а заинтересираност за настап има од Борац Бања Лука, АЕК Атина и Динамо Букурешт.

Сигурни учесници од Македонија се Вардар и Еурофарм Пелистер, додека би требало да играат Загреб, Нексе, Веспрем, Војводина, Металопластика, Мотор Запорожје, Брест Мешков, Татран Прешов и ЦСКА Москва.