Ништо од трансфер во Вардар, Зарабец останува во Кил

Словенечкиот репрезентативец Миха Зарабец ги разреши дилемите околу својата иднина и потпиша нов договор со европскиот шампион Кил.

Зарабец и лани и во последниот период се споменуваше како засилување за Вардар, особено поради големата конкуренција во дресот на „зебрите“, но очигледно дека Словенецот сака да ја гради кариерата во Бундес лигата и договори соработка до 2023 година.

„Секој играч знае што значи Кил. Ова е клубот од моите соништа, горд сум што го носам дресот на Кил. Среќен сум што потпишав нов договор, со нетрпение го очекувам денот кога повторно ќе играме пред нашите навивачи“, изјави Зарабец.

Словенецот ги има Сагосен и Дувњак како конкуренти на неговата позиција, но тоа очигледно не му пречи и ќе продолжи да го носи дресот на Кил и во наредниот период.