Николовска: Целта на Чаир е врвот на табелата, а зошто не и титулата!

Денеска се игра дерби натпреварот од 3 коло во Женската лига меѓу Вардар и Чаир. Двете екипи немаат загубено бод по првите два меча и се очекува интересен натпревар.

Средниот бек на Чаир, Леонора Рахмани, очекува позитивен резултат од овој натпревар.

„Силно верувам во позитивен резултат, со кој би ја израдувале нашата публика која ќе дојде да ни даде поддршка во четврток. Подготвени сме за овој дерби натпревар, како и за сите други натпревари. Ја користам приликата да им честитам на тренерот Басри Латифи и на целиот стручен штаб кои со својата добра организација и напорна работа успеаа да го мотивираат тимот да биде максимално подготвен да направи многу добри настапи“, вели Рахмани.

Повратничка во тимот на Чаир е средниот бек Марија Николовска, која вели дека нејзиниот тим оди на титула оваа сезона.

„Во моментов ЖРК Чаир е клубот со најдобра организација во нашата лига и на првите два натпревари од сезоната беше дадена порака дека оваа година наша цел е врвот на табелата, европските натпреварувања и зошто не и титулата. Работиме напорно и заедно со нашите тренери детално го анализираме секој тим. За среќа, имаме доволно квалитетни играчи за да доминираме на секој натпревар против која било екипа“, вели Николовска.

Левиот бек Теодора Гулицоска е меѓу најдобрите стрелци на Чаир и очекува формата да расте со секој одигран натпревар.

„Обединети сме и сите работиме да си се помогнеме. Немаме индивидуалци. Имаме добра предност, која се надевам дека ќе ја искористиме и ќе решиме се во рок од 60 минути. Не очекува тежок натпревар со Вардар. За нас е многу важен, со цел да не се прекине победничката низа и да ги достигнеме своите амбиции и цели. Можам да кажам дека дисциплината, одржување на мотивацијата, искуството и напорната работа, која ја имавме изминатиов период ќе ни помогнат да го постигнеме посакуваниот резултат на натпреварот“, вели Гулицоска.

Натпреварот меѓу Вардар и Чаир се игра денеска во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ од 17:30 часот.