„Никаде не сум уживала толку многу во ракометот како во Вардар“

Поранешната ракометарка на Вардар, Драгана Цвијиќ, по неколку месеци минати во Крим Меркатор реши да ја промени средината и во остатокот од сезоната да настапува за руската екипа ЦСКА Москва.

Ракометарката од Србија, која во својата кариера има златен медал од Лигата на шампионите со Будуќност, во интервју за рускиот „Брз Центар“ зборуваше за првите впечатоци од новиот клуб, нејзината одлука за повлекување од националниот тим на Србија, настапот на Русија на Светско првенство во Шпанија и многу други ракометни теми.

На прашањето дали поранешната репрезентативка на Русија, Ирина Дибирова (Полторацкаја), која еден период го водеше ЖРК Вардар, може да стане врвен тренер, Цвијиќ даде јасен одговор и истакна дека уживала при нејзината авантура во вардаровиот дрес.

„Можеби…Но после Вардар, Ирина престана да биде тренер. Прво таа сама работеше со нас, но потоа побара помош, и во тимот дојде Шпанецот Парондо. Генерално, никаде на друго место не сум уживала толку многу во ракометот како во Вардар и Будуќност. Штета што тогаш пропадна големиот проект во Скопје“, изјави Цвијиќ за „Брз Центар“.

Цвијиќ е втората ракометарка од Вардар која се пресели во ЦСКА Москва по Сара Ристовска. Во својата кариера, освен за екипите на Вардар, Будуќност и Крим, Цвијиќ настапуваше и за ЧСМ Букурешт и Црвена Звезда.