Не размислува за крај – Наваро и на 43 години продолжува да игра ракомет

Репрезентативната голманка на Шпанија, Силвија Наваро го продолжи договорот со Рокаса Гран Канарија и ќе остане уште една сезона да го брани голот на екипата.

Ветеранката која има 42 години, ќе биде единствената ракометарка од Гран Канарија која ќе патува на Олимписките игри. Таа следната сезона со 43 години ќе ја игра деветата сезона во шпанската лига.

Искусната голманка својата кариера ја започна во Мар Сагунто, а потоа има играно за повеќе шпански клубови, Феробус Мислата, Ичако и Ремудас пред да се врати во Гран Канарија. Во меѓувреме беше дел и од ЧСМ Букурешт.

Силвија Наваро двапати била шампион на Шпанија, има освоено три Кралски купа и два Челинџ купа. Со репрезентацијата на Шпанија има сребро и бронза од светските првенства и бронза од Олимписките игри во Лондон.