„Не нè интересира каков состав има Македонија, дуелите ќе ни користат пред СП“

Репрезентацијата на Црна Гора денес ќе игра натпревар против македонската репрезентација во рамките од ЕХФ Евро купот. Избраничките на Бојана Поповиќ во Скопје допатуваа со изменет состав и без неколку искусни играчи.

Поранешната ракометарка на Вардар, Итана Грбиќ, пред самиот натпревар истакна дека дуелите против Македонија ќе бидат добра проверка за младата црногорска репрезентација.

Ракометарката на ФТЦ Будимпешта се надева на добар резултат и на реванш натпреварот против Македонија кој ќе се одигра на 10 октомври во Никшиќ.

„Секогаш постои посебна емоција и енергија кога играме за репрезентацијата. Секогаш сме среќни што доаѓаме на подготовките и среќни сме поради тоа. Натпреварите против  Македонија немаат резултатско значење, но ќе ни значат во таков ослабен, изменет и нов состав да видиме колку можеме. Нема што да изгубиме, а наше е да се бориме, ја слушаме селекторката Бојана Поповиќ и ќе видиме колку тоа ќе ни помогне. Искрено, немавме време да ги следиме противниците, имајќи предвид дека неделата на ЕХФ е среде сезона. Не треба да не интересира каква е Македонија, односно во каков состав ќе настапи, туку да ги искористиме овие натпревари на најдобар начин заради нас и Светското првенство. Се надевам дека двата натпревари со Македонија ќе ги искористиме на најдобро ниво“, изјави Грбиќ.

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Црна Гора ќе се одигра денес во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20:15 часот.