„Не ме сакаше во Вардар, ама за Раул би тргнал и пеш до Париз“

Поранешниот среден бек на Вардар и репрезентацијата на Македонија, Немања Прибак во интервју за „Балкан Хендбол“, зборуваше за времето додека соработуваше со Раул Гонзалес.

Прибак во овој момент настапува за екипата на Војводина, а иако си замина од Вардар додека беше тренер Раул, тој има само пофални зборови за шпанскиот стратег кој сега го предводи ПСЖ.

„Не сум пристрасен, јас си заминав од Вардар додека тој беше тренер. Самсоненко ми рече дека можам да останам но нема да бидам во прв план, туку ќе бидам трет среден бек. Едноставно тоа не го сакав и заминав во Бешикташ. Можам да кажам дека Раул во тој момент не ме сакаше, но и покрај тоа го имам најдоброто можно мислење за тој човек. Секогаш ќе го спомнувам како најдобар пример за тренер, пред се е голема личност и човек а потоа и тренер. Мирен, сталожен и тивок, секогаш има време за разговор во текот на денот или ноќта. Кога си заминав од Вардар тој ја предводеше репрезентацијата на Македонија и ме повика во националниот тим. Искрено во тој момент не сакав да играм но тој ме натера бидејќи на тој човек е тешко да се каже не. Сега да ме повика во Париз би тргнал пешки заради него и за него“, коментираше Прибак.

Немања Прибак со Вардар си замина во 2015 година кога се приклучи на Бешикташ каде што играше четири години пред да се врати во првенството на Србија, во тимот на Војводина.