Карачиќ: Не е тајна дека го сакам Вардар, но во овој момент не помислувам да се вратам во Скопје!

Хрватскиот репрезентативец Игор Карачиќ минатата сезона го напушти Скопје и замина во редовите на полскиот шампион Келце. По бурниот период во Вардар и смената на раководството Карачиќ се одлучи да ја прифати поканата на Талант Душебаев и да замине во подобри услови на југот на Полска.

Сепак кризата со корона пандемијата го замрзна спортот, а особено ракометот кој важи за еден од оние спортови со најмногу физички контакт меѓу играчите. Кризата значеше заминување на два главни спонзори од Келце, а во Вардар во меѓувреме дувна нов свеж ветар преку старото раководство на двократниот европски првак.

Токму близината на старо-новиот претседател Михајло Михајловски и некогашната вардарова икона Игор Карачиќ ги подгреа надежите на фановите дека е можен негов кам-бек во Скопје. Но иако не сака јавно да зборува пред македонските медиуми, популарниот Кара во изјава за хрватскиот портал 24саата ги разреши сите дилеми.

– Не е тајна дека го сакам Вардар и Македонија. Немаше конкретна понуда од клубот, но „од околу“ имаше некои разговори. Секако дека ми годи, Вардар е сепак голем клуб и се уште европски првак, но имам уште две години од договорот со Келце кој сепак ми нуди подобри услови, така што секако не можам во овој момент да помислам да се вратам во Скопје, ниту имам потреба да размислувам во моментов за нешто такво.-потенцираше Карачиќ.

Карачиќ во Вардар притстигна во 2012 година, а по седум години поминати во Скопје круна на неговата кариера беше наградата МВП на завршниот турнир од Лигата на шампионите.Со Вардар освои две европски титули од елитното клупско натпреварување, а од 2019 е член на полскиот шампион Келце.