„Не бев најскапиот играч во екипата, не знам зошто ми го раскинаа договорот…“

Раководството на Татран Прешов прави големи промени на тимот за наредната сезона. Во последната најава за заминување на играчи беше соопштено дека капитенот на екипата, Мартин Страновски го напушта клубот.

Клубот го ослободи Страновски, но не сподели повеќе информации поради кои причини Словакот не е веќе член на Татран, иако сè уште имаше важечки договор со клубот. Ова одлука е изненадувачка и за Страновски кој имал планови кариерата да ја заврши во овој клуб.

„Мислев дека ќе ја завршам кариерата во Татран. Нема потреба да се препукуваме преку медиумите, навистина ми е жал. Јас ја почитувам оваа одлука на клубот иако имав други планови. Сакав да продолжам во Прешов и секогаш сум имал фер односи со претставниците на клубот. Мислам дека не бев најплатениот играч во екипата, иако не ги знам платите на другите, и не знам зошто ми беше раскинат договорт. Бев подготвен на преговори за намалување на платата“, рече Страновски за словачката „Правда“.

Иако Страновски практично е избркан од Татран Прешов и веќе има 34 години, сепак тој планира да продолжи да игра. Веќе има понуди од неколку клубови од најдобрите лиги во Европа.

„Иако не го планирав ова сепак ќе продолжам во странство. Ме контактираа менаџери од Унгарија, Германија и Франција. Имам добри контакти затоа што долго играв во странски клибови и тие знаат се за мене. Веќе добив една конкретна понуда, се работи за клуб од Бундес лигата и се надевам наскоро ќе се договориме“, истакна Страновски.

Мартин Страновски пристигна во Татран Прешов од германскиот Ерланген, а претхондно има настапувано и во шпанското првенство за Адемар Леон и Барселона.