Несудениот вардарец се прости од Стеауа: Благодарам на сите навивачи, а до раководство имам порака – ќе се видиме на суд

Русинот Самвел Аслањан, пред седум сезони беше пред потпис со Вардар. Тогаш тренер на „црвено-црниот“ тим беше Веселин Вујовиќ, а пред да дојде Владимир Петриќ, Вујо го посакуваше Аслањан.

Иако само формалности го делеа од премин во Скопје, сепак неговата сопруга не сакаше да се преселат во Македонија, па на крајот Аслањан заврши во Романија.

Русинот од 2017 година го носеше дресот на Стеауа Букурешт. Пред неколку денови, Аслањан преку социјалните мрежи објави зошто го раскинал договорот со тимот од Букурешт и на раководството на клубот им порача дека ќе се видат на суд.

„Благодарност до сите што ме поддржуваа овие четири години. Имавме успеси, проблеми, но секогаш останувавме заедно. Мило ми е што ја имав честа да бидам дел од тимот на Стеауа Букурешт. За жал, морам да го напуштам клубот бидејќи немав избор. Раководството се однесуваше погрешно и без почит кон мене, таквото однесување го оневозможи продолжувањето на моето останување. Сигурно нема да можеме да се разделиме како пријатели. Можете да издржите многу, но непочитување и лаги кон мене – никогаш. Затоа, благодарност на играчите, персоналот и навивачите на одличниот клуб Стеауа, а на управата – се гледаме на суд“, напиша Аслањан.

Во својата кариера, Самвел Аслањан освен за Стеауа настапуваше и за Воронеж, Пермски Медведи, Спортинг Лисабон, Чеховски Медведи и ЧСМ Букурешт.