Нема шега со триколорките: Европскиот првак убедливо до ново финале

Ракометарките на Франција одиграа одличен натпревар во првото полуфинале и најдоа лек за најголемото изненадување на Европското првенство, Хрватска победувајќи со 30:19, Французинките доминираа во текот на првото полувреме кога беше и решен победникот така што на крајот беше прашање само разликата.

Од почетокот на средбата се виде разликата во секој дел од играта почнувајќи од мотивацијата, желбата, подготвеноста… за овој натпревар. Очигледно играта на Хрватките беше простудирана до секој детаљ така што на крајот тоа резултираше и со висока победа за ново финале на Франција.

Репрезентативките на Хрватска немаа противигра. Долго се мачеа за да најдат простор односно начин како да ја пробијат играта на противникот. Тоа не им носеше резултат и постигнаа само пет гола за 30 минути што е премалку за да може да се надеваат на нешто повеќе од овој дуел.

Франција знаеше да казни речиси за секоја грешка и дојде до предност од 15:5 на крајот од првиот дел така што беше јасно кој оди во финалето, а кој во дуелот за 3. место.

Второто полувреме донесе нешто поинаква игра од Хрватките. Тргнаа подобро и успеаја да намалат на седум гола. Имаа 11:18 после осум минути игра, но потоа одново влегоа во лош период така што Франција одново отиде на двоцифрена предност, а во 46. минута резултатот беше 24:13.

До крајот на натпреварот немаше ништо непредвидено. Селекцијата на Франција со комлетна контрола на играта го донесе овој дуел до победа од 30:19 со што си обезбеди ново финале. На тој начин обезбеди и можност да ја брани титулата освоена пред две години. Сега триколорките ќе можат мирно да го чекаат дуелот од 20:30 часот во кој Норвешка ќе игра против Данска во второто полуфинале за да го дознаат противникот во финалето.

ФРАНЦИЈА – ХРВАТСКА               30:19 (15:5)

Сала: Јиске Банк Боксен во Хернинг. Судии: Карина Кристијансен и Лине Хеселдал Хансен од Данска. Делегати: Људмила Бодниева од Русија и Ојвинд Тогстад од Норвешка.

ФРАНЦИЈА: Лејно (3 одб.), Дарле (8 одб.), Ноканди 2/5, Коантанеа 0/1, Валентини 2/4, Зади Деуна 4/7, Којате 1/4, Нијакате 4/5, Дембеле 3/3, Уголин 2/2, Флипес 2/2, Канор 0/1, Едвиге, Фопа 2/2, Нзе Минко 4/5, Лакрабер 4/6.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 2 мин.

ХРВАТСКА: Пијевиќ (7 одб.), Бешен, Посавец, Крсник 3/4, Мицијевиќ 2/5, Милосављевиќ 2/6, Л. Калаус 1/6, Д. Калаус 0/2, Језиќ 3/3, Јапунџа 0/1, Симара 2/4, Дебелиќ 2/2, Мамиќ 0/2, Видак 1/1, Блажевиќ 3/6.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.